Бегство од кафезот: Како планината и козите ми ја спасија слободата кога светот полуде
Кога се појави Корона вирусот, светот преку ноќ се претвори во огромен, глобален кафез. Државите одлучија дека најдобриот начин да ве заштитат е да ви го одземат правото на движење, правото на избор и правото на чист воздух. Градовите замреа, луѓето се затворија зад четири ѕида, исплашени за сопствените животи, чекајќи газдата или системот да им каже кога смеат да излезат на сонце.
Јас одлучив дека нема да бидам дел од тоа лудило. Одбивав да прифатам било што кое ми е наметнато присилно, под било кој изговор.
Додека мнозинството себично трепереше во своите бетонски кутии, мислејќи само на сопствената кожа и прифаќајќи ги сите можни ограничувања, јас му свртев грб на тоа исплашено општество. Мојот одговор беше едноставен: Ако толку се плашите од заразување, јас ќе избегам од вас. Живејте си во кафезите од кои излегувате само кога ќе ве пуштат, а јас го избирам мојот сопствен пат.
Го искористив единственото правило што тогаш остана недопрено – забраната за излегување не важеше за сточарите. Купив кози и заминав таму каде што законите на луѓето немаат никаква моќ: во планината.
Слушнете ја тишината на слободата
Видеото подолу е снимено токму во тоа време на целосен карантин. Нема зборови во него. Нема глас кој објаснува, бидејќи во планината зборовите се излишни. Има само музика, чист планински воздух и животни кои не знаат што е тоа полициски час или страв од утрешниот ден.
Гледате мир и тишина на овие кадри, нели? Но, зад оваа камера стоеше човек кој штотуку му го покажа средниот прст на системот. Секое утро кога се будев горе, додека градовите долу беа мртви под наредба на полициската држава, јас ја дишев најчистата можна слобода.
Козите не беа само мојот „изговор“ пред државата – тие станаа моите учители за суровиот, но вистински опстанок. Научив дека природата не бара маски, не бара потврди и не ти поставува услови. Таа само бара да бидеш силен и да ја почитуваш.
Лекцијата што ја научив горе
Ова бегство во дивината ме промени засекогаш. Ми покажа дека слободата не е нешто што некој треба да ти го дозволи или да ти го даде со декрет. Слободата е избор кој го правиш сам, дури и кога цената за тоа е да ги спакуваш куферите, да купиш животни и да заминеш во непознатото.
Денес, кога тоа лудило е далеку зад нас, овие видеа ме потсетуваат каде лежат вистинските корени на човекот. Помеѓу бетонот каде што сите мислат само на себе и живеат по правила наметнати од други, и планината каде што си сам свој господар – јас секогаш ќе ја изберам планината.
Што избравте вие во тоа време?
Јас го избрав ова...
Кога синџирите стануваат удобни
Што е всушност слободата? Повеќето луѓе мислат дека се слободни само затоа што никој не ги држи затворени во вистински, железен кафез. Но, вистината е далеку посурова. Модерниот човек живее во илузија на слобода. Тој е слободен само додека се движи во границите кои некој друг му ги зацртал. Тој има право на избор, но само помеѓу опциите кои му се понудени на менито дадено од системот.
За време на карантините, маските паднаа. Видовме колку е кревка таа нивна „слобода“. Штом стравот затропа на вратата, мнозинството со задоволство ја замени својата слобода за лажна безбедност. Луѓето доброволно ги подадоа рацете за да им ги стават синџирите, себично гледајќи го само својот мал, затворен свет. Сфатив дека најголемата трагедија на модерното општество не е тоа што луѓето се заробени – трагедијата е што тие почнаа да го сакаат својот кафез, сè додека во него има интернет, струја и полн фрижидер.
Но, слободата не се купува во супермаркет и не се добива со дозвола од власта. Таа има своја цена.
Вистинската слобода значи да имаш храброст да бидеш сам против сите. Таа значи да го прифатиш ризикот на дивината, наместо комфорот на ропството.
Да заминеш во планина со животни, кога сите ти велат дека си луд, не е обично бегство. Тоа е слободарски чин. Тоа е одлука да кажеш: „Подобро ќе гладувам во дивината како слободен волк, отколку да бидам ухрането куче кое мафта со опашот на секоја наредба на газдата.“
На планината, додека ги гледав козите како се движат по карпите, сфатив една голема вистина: природата не познава закони, таа познава само вистина. Таму горе немаше кој да ме лаже, немаше кој да ми суди и немаше кој да ме казнува. Таму, мојот живот зависеше само од мојот труд и од мојата сила. И токму во таа суровост ја пронајдов најчистата форма на мир.
Слободата е внатрешна состојба на духот, но таа мора да се докаже со дело. Ако не си подготвен да жртвуваш ништо за неа, тогаш не ја ни заслужуваш.

Comments
Post a Comment
коментар: