Политички секти
Политичките партии како секти ги гонат човечките души — не со копја и со свеќи, туку со ветувања и со знамиња. Секоја од нигде и никаде изникната оргaнизација тврди дека ја поседува единствената вистина, дека нивниот водач е непогрешлив, дека сите други се еретици што треба да се обвинат, а потоа и да се казнат. И човекот, уморен од секојдневието, засилен со страв дека ќе остане сам, се продава за топол збор, за ситница што звучи како молитва.
Како и секоја секта, партијата прво ти го зема сомнежот. Ти вели: не мисли, само верувај. Не прашувај, само следи. Скептицизмот се прогласува за предавство, а разумот — за слабост на карактерот. Младите се најслаткиот плен: неопитни, жедни за припадност, подготвени да му дадат на водачот она што мислат дека му го должат. И влегуваат во редовите на партиите чекајќи во ред— со подигната рака, со испеана песна, со клетва дека никогаш нема да ја предадат партијата.
А потоа почнува собирањето на душите. Не се собираат со сила — се собираат со привилегија. Да бидеш „наше дете“ значи да добиеш работа, договор, функција. Така целото општество се поделува на осветници и на отпадници, на оние што се „чисти“ и на оние што треба да се исчистат. Соседот веќе не е човек, туку партиска припадност. Роднината веќе не е крв, туку боја на партиски билтен.
Но најстрашно е кога сектата ги проголта сопствените деца. Кога партискиот активист повеќе не верува во идеал, туку само во шефот. Кога правдата се мери со тоа кој ја изрекува, а не со тоа што изрекува. Тогаш душата е веќе продадена — и нема враќање назад. Останува само празнина, облечена во партиска маица, и човекот што некогаш бил слободен граѓанин, веќе станал вечен припадник на губитничка црква без Бога.
Да се излезе од таква секта е потешко отколку да се влезе. Излезените се прогласуваат за предавници, за платеници, за души што ќе горат во политичкиот пекол. А сето тоа — само затоа што сакале да мислат со своја глава. Затоа што душата, вистинската душа, не може да се дели по партиски линии. Таа припаѓа на човекот — и само на него.
Излегување од ваквата матрица е можно. Но бара храброст да се издржат обвинувањата, да се поднесат омаловажувањата, да се каже: „Јас сум човек пред да сум член“. И кога доволно многу луѓе ќе го кажат тоа — сектата се распаѓа, знамињата бледнеат, и на улицата повторно остануваат само луѓе. Луѓе што гледаат еден на друг не низ објектив на партија, туку со очи на сосед. Тогаш политиката повторно станува служба, а не вера. А душите — повторно стануваат слободни.
Да се верува на политичар е исто како да се верува во рекламен билборд. На билбордот секогаш насмевката е поширока од онаа во живо, косата свети, очите светат. Ништо од тоа не е невистина по форма, а сѐ е невистина по суштина. Истото важи и за говорот од трибината: секоја реченица е одмерена, секој гест репетиран, секоја солза — пресметана да падне токму пред камерата.
Билбордот не лаже директно — тој само те тера сам да се излажеш. Така и политичарот: „Ќе направиме!“ — не кажува кој, не кажува кога, не кажува на чија штета. „За вас работиме!“ — а не кажува дека „вие“ е дефинирано според партиската книшка. Рекламата продава производ, политичарот се продава себеси — и во двата случаи она што го добиваш никогаш не личи на она што ти го ветиле под светлото на неонот.
Но кривицата не е само во нив. Криви сме и ние што сакаме да веруваме. Човекот купува лажен производ не затоа што продавачот е генијален, туку затоа што купувачот сака да поверува. Исто така, граѓанинот гласа за ветувања не затоа што ветувањата се правдоподобни, туку затоа што му треба надеж — и ќе ја најде кај секој што ќе му ја понуди во најголема амбалажа. Пропаѓањето на довербата не е само работа на манипулаторите; тоа е работа и на оние што доброволно го положија разумот на рафт пред влезот во собранието.
Иронично е тоа што билбордот, барем, не се буни кога го игнорираш. Политичарот, пак, кога ќе го игнорираш — те нарекува апатичен, неинформиран, одговорен за се што ќе тргне наопаку. Двете реклами ти ветуваат иднина, но само втората ти ја префрла вината ако ветената иднина не се оствари. Тоа е единствената разлика: билбордот после изборите се расклопува и се влече на ѓубре, а политичарот останува — да ветува нов билборд за следните избори.
Затоа паметниот граѓанин не верува — тој проверува. Не прашува „што ветуваат“, туку „што направиле“. Не гледа во насмевката, туку во списокот на гласови. Билбордот е слика, а сликата не може да владее; политичарот е човек, и човекот мора да одговара. Сè додека ги третираме како ѕвезди, тие ќе нè третираат како публика — пасивна, заборавна, секогаш подготвена за нова кампања.
А кога граѓанинот еднаш ќе прeстане да гледа реклами и ќе почне да плаќа сметки — тогаш политиката конечно ќе мора да стане работа, а не шоу и забава. Дотогаш, секој изборен циклус е само нова сезона на истата серија, со исти ликови и со ист крај: далеку од она што било ветено, близу до она што било очекувано.
📱 Читајте го Mak Grom уште полесно!
Преземете ја нашата официјална Android апликација за брз и директен пристап до сите нови објави.
📥 Преземи ја апликацијата
Comments
Post a Comment
Коментар: